
На настанот „Први на Први“, планинари го дочекаа првото изгрејсонце во Новата 2026 година на врвот Пелистер, во услови на екстремно ниски температури од -28°C и силен ветер од околу 50 км/ч. И покрај алпските услови и тешкотиите при искачувањето, групата искусни планинари успеа да го достигне врвот и да ужива во магичните бои на првото утринско сонце.
Токму на 2601 метар надморска височина, Дарио Петровски ја запроси својата сакана Мишела Панајотова, создавајќи незаборавен момент за Први На Први. Дарио и Мишела, кои живеат и работат во Германија, се вратија во Македонија за празниците за да учествуваат на традиционалниот настан.
„Среќна нова 2026 и честитки за вечна љубов на Дарио и Мишела“, изјави Иванчо Тошевски, организатор на настанот, претседател на планинарското здружение „Олимпус Монс“ и директор на НП Пелистер.



























