
Археолозите открија необичен и изненадувачки метод на лекување кај древните Римјани, кој вклучувал употреба на фекални материи во комбинација со билки, покажува најнова научна студија.
Истражувањето, објавено во списанието Journal of Archaeological Science, открива дека остатоците пронајдени во антички стаклен сад содржеле мешавина од измет и мајчина душица. Научниците сметаат дека билката била додадена за да се маскира непријатниот мирис, но и поради нејзините познати антисептички својства.
Артефактот бил откриен во гробница во античкиот град Пергамон, во денешна западна Турција. Станува збор за мало стаклено шишенце, запечатено со глина, кое во античко време се користело за чување парфеми, масла или лековити препарати.
Археологот Ченкер Атила од Универзитетот Сивас Џумхуриет изјавил дека откритието било направено при анализа на музејски збирки во италијанскиот град Бергамо.
„Додека работев во магацините на музејот, забележав дека некои стаклени садови содржат необични остатоци“, објаснил Атила.























