Истражување открива: Ноќно изложување на светло го зголемува ризикот од срцеви заболувања
Научници од Институтот за здравствени и медицински истражувања „Флиндерс“ утврдиле дека изложеноста на светло во текот на ноќта значително го зголемува ризикот од развој на неколку видови кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи срцев удар, мозочен удар и срцева слабост.
Во истражувањето учествувале речиси 89.000 луѓе, кои биле следени повеќе од девет години. Резултатите покажуваат дека интензитетот на ноќното светло има директна врска со зголемување на ризикот од овие болести.
Причината лежи во нарушувањето на циркадијалниот ритам – внатрешниот биолошки часовник кој ја регулира работата на телото, вклучително и крвниот притисок и отчукувањата на срцето. Дури и краткотрајни нарушувања на овој ритам може да предизвикаат покачен ризик од крвни згрутчувања, воспаленија и хипертензија.
Изложеност на светло во ноќните часови не доаѓа само од телевизори и мобилни уреди, туку и од улично осветлување и светилки во домот. Испитаниците изложени на посилно ноќно светло покажале до 56% поголем ризик од срцев удар и срцева слабост, како и повисок ризик од мозочен удар и аритмија (фибрилација на преткомори).
Студијата дополнително покажала дека мажите и постарите лица се поизложени на овој ризик, додека кај жените е забележана посилна поврзаност меѓу ноќното светло и одредени срцеви заболувања. И помладите лица се погодени, особено со зголемен ризик од срцева слабост и фибрилација.
Истражувачите препорачуваат намалување на изложеноста на светло во текот на ноќта како мерка за превенција од срцеви заболувања.
Покрај изложеноста на светло, други навики кои го зголемуваат ризикот од срцеви проблеми се:
Недостаток на сон – спиење под 7 часа го зголемува ризикот.
Нередовна рутина на спиење – нерегуларно време на легнување и будење го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Често дриење – поврзано е со покачен крвен притисок и зголемен ризик од мозочен удар.
Овие сознанија укажуваат на важноста од одржување на здрави навики за спиење и контролирање на ноќното осветлување за заштита на срцето и здравјето воопшто.