Според ново истражување, крвен тест способен за откривање повеќе од 50 видови рак може значително да го забрза дијагностицирањето, пренесува BBC. Тестот „Galleri“, развиен од американската компанија Grail, открива фрагменти од канцерогена ДНК кои циркулираат во крвта. Во студија следени биле 25.000 возрасни лица од САД и Канада, при што околу еден од 100 добил позитивен резултат, а кај 62% од нив ракот бил потврден.
Водечкиот истражувач, д-р Нима Набавизаде, истакна дека тестот би можел „фундаментално да го промени“ пристапот кон скринингот, особено за видови рак кои немаат постоечки програми за рана детекција, како рак на јајници, црн дроб, желудник, мочен меур и панкреас. Тестот точно го идентификувал потеклото на ракот во 9 од 10 случаи и ги исклучил здравите лица кај повеќе од 99%.
Во комбинација со постојните скрининзи (дојка, дебело црево, грло на матката), бројот на откриени канцери се зголемил седумкратно.
Иако резултатите се ветувачки, научници предупредуваат дека се потребни дополнителни докази за да се покаже дали тестот ја намалува смртноста од рак. Трогодишното испитување на NHS во Англија со 140.000 пациенти ќе даде дополнителни податоци, а резултатите се очекуваат следната година.
Ако се покажат успешни, NHS планира да ги прошири тестовите на уште еден милион луѓе.