Тестирањето на електричните автобуси во Осло откри потенцијален безбедносен ризик – кинеските возила можат да се онеспособат од далечина. Компанијата „Рутер“, задолжена за јавниот транспорт во норвешката престолнина, минатото лето спроведе тајна анализа на два модела – еден кинески „Јутонг“ и еден холандски автобус. Резултатите покажале дека „Јутонг“ овозможува далечински пристап до системите за софтвер, дијагностика и батерии.
„Во теорија, производителот може да го запре автобусот или да го направи неупотреблив“, соопштија од „Рутер“. Експертите од Универзитетот во Југоисточна Норвешка ги расклопиле автобусите во изолирана просторија и потврдиле дека ризикот од злоупотреба постои, иако е мал.
Директорот на „Рутер“, Бернт Рејтан Јенсен, изјави дека ќе бидат воспоставени нови правила за сајбер безбедност при идните набавки. „Технологијата е толку сложена што веќе не можеме сами да се справиме со овие предизвици“, нагласи тој.
Од „Јутонг“ одговорија дека нивниот систем е безбеден и дека нема технички можности за манипулација со возењето. „Контролата е целосно во рацете на возачот“, рече портпаролката Силви Сун, додавајќи дека пристапот до податоците е ограничен само на одобрени инженери.
Во Европа моментално сообраќаат над 1.200 електрични автобуси од „Јутонг“, од кои околу 300 во Осло. Норвешките власти најавуваат дека во иднина ќе поставуваат построги технички критериуми за да се спречи можноста за далечинско исклучување на јавните возила.
Случајот повторно го отвори прашањето за довербата во кинеската технологија во европските инфраструктури – од телекомуникациите, преку безбедносните камери, па сè до јавниот превоз.































