43-годишниот Пол Дејвис од Саутхемптон, Велика Британија, станал жртва на интернет измама кога поверувал дека се допишува со холивудската ѕвезда Џенифер Анистон. Како што пренесува The Mirror, измамникот преку Facebook му се претставил како славната актерка, испраќајќи му наводна фотографија од возачка дозвола како „доказ“ за својот идентитет.
Во комуникацијата, лажната Анистон побарала од Пол да ѝ испрати 200 фунти во форма на Apple gift картички. Покрај тоа, му испратила вештачки генерирано AI видео во кое му кажува дека го сака. „Имам лажни видеа со Џенифер Анистон како ми вели дека ме сака и ми бара 200 фунти. Поверував“, признал Пол, кој по испратените картички останал без парите.
Измамникот дури го предупредил да не се обраќа до Facebook бидејќи „може да има проблеми“. Откако ја сфатил вистината, Пол изјавил дека измамата сериозно го погодила психички.
Сѐ почести се AI измами со лажни видеа на славни личности
Овој случај е само еден од низата слични инциденти. На почетокот од годината, Французинка останала без 830.000 евра мислејќи дека е во љубовна врска со Бред Пит, а друга жртва била убедена дека комуницира со Кијану Ривс.
Слична приказна кружеше и за 69-годишна жена од Бразил, која му праќала пари на „Елон Маск“ за гориво за авион – изгубила 25.000 евра.
Експертите предупредуваат: никогаш не верувајте на непроверени пораки од „славни личности“, особено кога бараат пари – колку и убедливо да звучат или изгледаат.