ЦЈЗ: Водата на велешко „Младост“ не смее да се користи за капење и рекреација, стручна институција да докаже дека нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини
Центар за јавно здравје Велес на барање на Општина Велес на 13 јуни земал примероци на површинска вода од три места на Езеро „Младост“, поточно од локациите „Плажа 1“ , „Брод Панини“ и „Мотел на Велешко“. По петдневните испитувања во соопштените резултатите на јавната здравствена институција пишува дека „по однос на микробиолошките индикатори водата во велешко езеро оценета е за добра додека по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа“.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на Езеро Младост, Центар за јавно здравје Велес, констатира постоење на „видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина на биомаса-густи, пифтиести, сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата“, пишува Дума.
Центар за јавно здравје Велес излезе со препорака која гласи „водата НЕ СМЕЕ да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини“.
Извор: Дума.мк
Убавка Јаневска