
Слаткарницата „Глејдс Хоуммејд Кендис“ во туристичкиот град Гатлинберг повторно била цел на упад од мечка, што е четврти ваков инцидент во објектот, пренесуваат локални медиуми.
Според снимките од надзорните камери, животното насилно ја скршило стаклената врата, влегло внатре и ги превртело полиците, по што извадило и консумирало слатки производи.
Сопствениците изјавиле дека со децении се занимаваат со производство на слатки, но дека повторените упади претставуваат сериозен предизвик за нивниот бизнис. Тие нагласуваат дека веќе преземале различни мерки за заштита, вклучувајќи специјални контејнери и дополнително обезбедување, но без успех.
Случајот е пријавен до надлежната Агенција за ресурси и диви животни во Тенеси, која започнала истрага за инцидентот.
Сопствениците велат дека ја почитуваат дивата природа во регионот, но се надеваат дека ќе се најде решение за да се спречат понатамошни упади, бидејќи слаткарницата се наоѓа во близина на подрачје познато по присуство на диви мечки.























