
Сè поголем број туристи ова лето се одлучуваат за поевтини и помалку познати европски дестинации, избегнувајќи ги класичните туристички рути и скапите all-inclusive аранжмани. Новите трендови покажуваат дека патниците сè почесто бараат автентични искуства, природа и локална култура по попристапни цени.
Според анализи на туристички организации, значителен дел од патниците годинава планираат да посетат земји во кои никогаш претходно не биле. Високите трошоци за патувања и глобалните несигурности дополнително ја засилуваат оваа промена во навиките.
Во извештаи на британски медиуми се посочуваат неколку дестинации кои бележат зголемен интерес.
Црна Гора се издвојува како една од најпопуларните избори меѓу помладите туристи, благодарение на комбинацијата од море, планини и кратки растојанија меѓу атракциите, што овозможува разновиден одмор по пониска цена во споредба со класичните медитерански земји.
Расте и интересот за Балтичкиот регион, каде држави како Естонија, Латвија и Литванија нудат помирна атмосфера, културни содржини и пониски температури, што ги привлекува туристите кои сакаат поинакво летно искуство.
Албанија исто така се издвојува како сè попосетена дестинација, со плажи и историски градови кои нудат значително пониски цени во споредба со многу попознати европски туристички центри.
Покрај тоа, сè поголем интерес има и за северна Шпанија, каде региони со помалку масовен туризам нудат природа, гастрономија и поавтентично локално искуство.























