
Фолклорот не е само песна, игра и традиција – понекогаш станува дел од најважните животни моменти. Токму таков момент се случи на сцената на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.
По настапот на Фолклорниот ансамбл „Битола“, пред бројната публика се случи емотивно изненадување. Пејачот и игроорец Никола Зацески клекна на колено и ја запроси својата долгогодишна љубов Наталија Цветкова.
Облечени во македонска народна носија, Никола и Наталија создадоа незаборавна сцена која ги обедини љубовта и традицијата – вредностите што фестивалот „Илинденски денови“ ги негува повеќе од пет децении.
Предлогот за брак беше проследен со громогласен аплауз, насмевки и солзи радосници од колегите од ансамблот и присутната публика, кои го споделија нивниот посебен миг.
Овој гест стана еден од најубавите моменти на годинашното издание на фестивалот, потсетувајќи дека македонската традиција не се пренесува само преку ората и песните, туку и преку љубовта, заедништвото и човечките приказни.
На Никола и Наталија им преостанува најубавото животно оро – заедничкото патување исполнето со љубов, почит и среќа.
фотографија Диоген Хаџи Коста Милевски

















