УТРО.мк

ЛАДО го затвори Балканскиот фестивал во Охрид, следуваат заеднички концерти со Танец во Битола и Скопје

ЛАДО го затвори Балканскиот фестивал во Охрид, следуваат заеднички концерти со Танец во Битола и Скопје
Vero

Со целовечерен концерт исполнет со богатството на хрватската фолклорна традиција, Ансамблот за народни игри и песни на Хрватска ЛАДО го затвори јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал во Охрид. Настапот беше проследен со голем интерес, а публиката ги награди изведувачите со долги аплаузи и овации.

Во рамките на концертната програма беа изведени повеќе препознатливи кореографски постановки, меѓу кои: „Ладарке (Ladarke)“, „Загорски дрмеш (Zagorski drmeš)“ и „Подравски свати (Podravski svati)“, како и неколку вокално инструментални точки кои дополнително ја збогатија вечерта. Преку автентични носии, музика и сценски настап, ЛАДО уште еднаш ја претстави богатата културна традиција на Хрватска.

Концертот во Охрид е дел од гостувањето на ЛАДО во Македонија, кое се реализира во рамките на културната соработка со Националната установа Ансамбл за народни игри и песни Танец. Како национални ансамбли на Хрватска и Македонија, ЛАДО и Танец со години ја негуваат и промовираат традиционалната култура, а нивната соработка претставува значаен придонес во зацврстувањето на културните врски меѓу двете земји.

Во рамките на оваа соработка, ЛАДО и Танец ќе одржат два заеднички концерти. Првиот е закажан за 8 јули во Битола, а вториот на 10 јули во Скопје. Публиката ќе има можност да проследи заедничка програма во која ќе се испреплетат македонската и хрватската фолклорна традиција, претставени преку народни игри, песни и музика во изведба на двата врвни национални ансамбли.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin