
Едно лице загина, а 40 патници се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на автопатот Каман–Анкара, во близина на турскиот град Кириккале.
Според првичните информации, автобусот се движел по автопатот кога возачот изгубил контрола над возилото. Автобусот излетал од коловозот и се превртел.
Во несреќата загинал 92-годишен патник, додека останатите повредени биле пренесени со возила на Итната медицинска помош во околните болници, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата интервенирале екипи на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), противпожарната служба, итната медицинска помош, жандармеријата и полицијата.
Гувернерот на Кириккале, Мехмет Максут Сарибрахим, изјавил дека според првичните наоди, причина за несреќата најверојатно бил лизгавиот коловоз поради утринскиот мраз.
„Патот беше лизгав поради првиот утрински мраз. Несреќата се случи поради лизгавиот коловоз. Ова уште еднаш покажува колку е важно патниците во автобусите да користат сигурносни појаси“, изјавил Сарибрахим.
Возачот на автобусот е приведен, а надлежните органи започнале истрага за да ги утврдат сите детали и причините за несреќата.

















