Националната опера и балет синоќа блескаше во полн сјај со концертот на Кирил Џајковски, кој со аудиовизуелна ретроспектива ја одбележа својата 25-годишна кариера во филмската и театарската музика. Преполната сала, стоечките овации и петминутниот аплауз беа потврда за уметничката длабочина и емоционалната сила на делото на овој истакнат македонски композитор и пионер на електронската сцена.
Концертот, под диригентство на Џијан Емин, беше исклучително прецизен и емотивен, со учество на врвни музичари како Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов. Во живо беа изведени композиции од култни филмови како „Големата вода“, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Piargy“ и други, отворајќи прозорец кон магичниот свет на музиката на Џајковски.
Во емотивниот дел од вечерта, композиторот јавно се заблагодари на сите режисери со кои соработувал, особено на Милчо Манчевски и Иво Трајковски кои беа присутни во публиката. Концертот го посвети на своите родители и со трогателен тон зборуваше за сопругата и децата – Матеј, Дамјан и Елена – кои ги нарече своја најголема инспирација.
Најмногу аплаузи доби виртуозната виолина на Владимир Крстев, додека вистинска еуфорија настапи со енергичната изведба на „Jungle Shadow“, кога публиката едногласно скокна на нозе, фрлајќи ја салата во вистинска музичка транс.
Овој концерт не беше само прослава на едно творештво, туку и сведоштво за уметничка визија што трае и инспирира. Кирил Џајковски уште еднаш покажа зошто е еден од највлијателните современи македонски композитори – со звук кој обединува, возбудува и допира до суштината.