Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак предупреди дека Израел нема капацитет самостојно да ја отстрани нуклеарната закана од Иран, и дека без целосна поддршка од САД, тоа е невозможна мисија. Барак, кој бил дел од првичните стратегии на Израел кон Иран, оцени дека првите денови од воената операција биле „впечатливо ефикасни“, но нагласи дека Иран е веќе на прагот да стане нуклеарна сила.
„Израел може да го забави нивниот напредок за најмногу две до три недели, додека ни самите Американци не можат да го одложат тоа за повеќе од неколку месеци“, изјави Барак. Според него, единствениот начин трајно да се спречи Иран да стане нуклеарна сила е објава на војна против самиот ирански режим и негово соборување.
Барак отворено призна дека Израел сам не може да го спроведе тоа: „Само со целосна и активна соработка со Америка ова може да биде успешно.“
Сепак, тој изрази сомнеж дека САД во моментов имаат политичка волја да влезат во голем воен конфликт. Најдобар исход, според него, би бил пад на режимот во Техеран, додека втора најдобра опција би бил поумерен пристап на Иранците во преговорите.
„Во спротивно“, вели Барак, „ќе се соочиме со долг и исцрпувачки конфликт, каде што сојузниците ќе нè поддржуваат одбранбено, но без директна интервенција.“ Најлошото сценарио, предупреди тој, би било Иран да заклучи дека нема друг избор освен што побрзо да развие нуклеарно оружје.