Непосредно пред почетокот на самитот на Г7, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека исклучувањето на Русија од групата најразвиени демократски економии било „многу голема грешка“. Во разговор со канадскиот премиер Марк Карни, Трамп нагласи дека „војна денес можеби и немаше да има доколку Русија сè уште беше дел од групата“.
Трамп посочи дека отсуството на рускиот претседател Владимир Путин го отежнува решавањето на глобалните предизвици, алудирајќи на растечките геополитички тензии.
Русија стана полноправна членка на тогашната Г8 во 2002 година, но беше исклучена во 2014 поради анексијата на Крим. Оттогаш групата повторно функционира како Г7, составена од Канада, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија.
„Путин беше длабоко погоден од тоа што му беше забрането да учествува. Затоа денес разговара само со мене“, изјави Трамп, истакнувајќи дека иако сега не е моментот за враќање на Русија, нејзиното исклучување во 2014 било погрешен чекор.