Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува нова, можеби и поповолна понуда за Иран, која ќе претставува „последна шанса“ за постигнување договор околу нуклеарната програма, објави Jerusalem Post, повикувајќи се на американски и европски извори. Клучниот услов останува ист – целосна забрана за облагородување на ураниум.
Иран, преку дипломатски канали во Оман и Катар, наводно се обидува да посредува со САД за прекин на израелските напади и обновување на преговорите. Слична улога, но преку одвоен канал, игра и Саудиска Арабија, која настојува да се постигне примирје.
„Изгледа дека Иран не победува во овој конфликт. Мораат да преговараат пред да биде предоцна“, изјави Трамп од Канада, потврдувајќи дека Техеран испратил порака до Вашингтон.
Во меѓувреме, САД ја зголемуваат својата воена присутност на Блискиот Исток. Во регионот се испраќа носачот на авиони USS Nimitz и дополнителни 30 авиони за гориво, додека според информации од Jerusalem Post, американската армија се подготвува за можен напад ако Трамп го одобри.
Во рамки на американската администрација, меѓутоа, постојат поделени мислења. Додека военото командно тело CENTCOM ја поддржува израелската офанзива, дел од високи функционери и поддржувачи на Трамп се против каква било воена интервенција на САД.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли наводите за иранска иницијатива за прекин на огнот, нарекувајќи ги „лажни преговори“. Тој за ABC изјави дека Израел располага со „многу цврсти разузнавачки информации“ и дека воените акции против цели во Иран ќе продолжат.
Според поранешниот заменик-помошник на американскиот министер за одбрана, Ден Шапиро, Трамп преку овие потези сака да изврши максимален притисок врз Иран да прифати услови што досега ги одбиваше – целосно откажување од облагородување ураниум за нуклеарно оружје.