
Кинеската автомобилска индустрија продолжува агресивно да го менува глобалниот пазар, а брзината со која компаниите претставуваат нови возила ги изненадува и најголемите светски производители.
Според анализи на американската банка Bank of America, додека производителите од САД планираат да претстават 159 нови модели до 2030 година, кинеските компании вовеле околу 650 нови или значително подобрени возила само во првата половина од 2026 година.
Тоа значи дека на кинескиот пазар просечно се појавуваат речиси четири нови автомобилски производи секој ден.
<strong>Конкуренцијата станува „брутална“</strong>
Колку е жестока борбата меѓу кинеските производители покажува и изјавата на потпретседателот на BYD, Хе Жики, кој ситуацијата ја опиша како „целосно луда“.
Според него, проблемот не е во недостатокот на иновации, туку во тоа што купувачите едвај имаат време да се запознаат со еден нов модел, пред на пазарот да се појават уште десетици нови конкуренти.
Во такви услови, автомобил кој денес е новитет може да изгледа застарено само неколку месеци подоцна.
<strong>Не сите модели се целосно нови</strong>
Сепак, бројката од 650 возила не значи дека станува збор за 650 целосно нови автомобили. Во неа се вклучени и редизајни, подобрени верзии, специјални изданија и нови нивоа на опрема.
Но, и покрај тоа, темпото останува импресивно. Кинеските производители претставуваат околу 30 целосно нови модели месечно – бројка што е приближна на она што американските компании го лансираат во текот на цела година.
<strong>Западните производители предупредуваат</strong>
Брзиот напредок на кинеските автомобилски компании внимателно се следи во САД и Европа.
Извршниот директор на Ford, Бил Форд, предупреди дека западните производители не можат засекогаш да сметаат дека кинеските брендови ќе останат надвор од нивните пазари.
„Мораме да се натпреваруваме со Кина. Не можеме да очекуваме да ги држиме надвор засекогаш и мора да ги победиме со нивното оружје“, порача Форд.
Додека царинските ограничувања го забавуваат влезот на кинеските автомобили на американскиот пазар, кинеските компании сè повеќе се шират во Европа и во други делови од светот.
Аналитичарите очекуваат дека дел од кинеските автомобилски брендови нема да ја преживеат жестоката конкуренција, но компанијата BYD уверува дека нејзината позиција на пазарот е доволно силна за да продолжи со растот.

















