
Шведскиот моден гигант H&M продолжува со големото реструктуирање на својата глобална мрежа, најавувајќи нов бран затворања на продавници во текот на 2026 година.
Компанијата, која управува со повеќе од 4.000 продавници на 81 пазар низ светот, планира да затвори околу 170 локации, иако паралелно ќе отвори околу 90 нови продавници. Тоа ќе значи намалување на вкупниот број физички продавници за околу 80.
Од H&M велат дека одлуката е дел од стратегијата за прилагодување кон новите навики на купувачите и растот на онлајн продажбата. Физичките продавници стануваат се поголем трошок, особено во услови кога се зголемува конкуренцијата од дигиталните платформи.
Во последните 12 месеци, H&M веќе ја намали својата мрежа за 128 продавници. Најголем број затворања имало во регионот Азија, Океанија и Африка, каде што се затворени 97 локации. Следуваат Западна Европа со 20 затворени продавници и нордиските земји со 17.
Компанијата се соочува со силен притисок од новите конкуренти како онлајн платформите Shein и Temu, кои нудат евтина облека со брза испорака и агресивни дигитални кампањи.
И покрај намалувањето на бројот на продавници, H&M продолжува со инвестиции во онлајн продажбата и модернизација на бизнис моделот. Компанијата посочува дека целта е да има поефикасна мрежа на продавници и подобро да одговори на промените во модниот пазар.
H&M во своето портфолио ги има брендовите H&M, COS, Weekday, ARKET, H&M HOME и други, а минатата година ги затвори сите продавници на брендот Monki.

















