Кардиолозите предупредуваат: По 60-та година, избегнувајте преработено месо – тројна закана за срцето
Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност ширум светот и секоја година погодуваат милиони луѓе. Иако генетските фактори играат важна улога, исхраната е еден од клучните елементи што може значително да го намали или зголеми ризикот од срцеви болести, особено кај лицата над 60 години.
Стручњаците постојано нагласуваат дека избалансираната исхрана — богата со овошје, зеленчук, интегрални житарки и здрави извори на протеини — е темел за здраво срце. Но, постои една група намирници што кардиолозите им ја препорачуваат на повозрасните лица целосно да ја избегнуваат.
Станува збор за наресоци и други индустриски преработени месни производи.
– Преработеното месо содржи високи нивоа на сол, заситени масти и конзерванси како нитрати – предупредува д-р Ен Б. Кертис, кардиолог, во изјава за Parade.
Нејзината колешка, д-р Кетрин Вајнберг, овие производи ги нарекува „тројна закана“ за здравјето на срцето. Причината е едноставна: прекумерниот внес на сол го зголемува крвниот притисок, заситените масти го покачуваат нивото на лош холестерол, а нитратите, кои се додаваат за да се зачува бојата и свежината на месото, во организмот можат да се претворат во нитрозамини – соединенија кои поттикнуваат воспалителни процеси.
– Воспаленијата на ѕидовите на артериите се директно поврзани со појавата на срцеви заболувања и други сериозни состојби – објаснува д-р Вајнберг.
Кардиологот д-р Ченг-Хан Чен исто така предупредува дека овие состојки го поттикнуваат развојот на два од најважните ризични фактори за срцеви болести: хипертензија и зголемен холестерол.
Како здрава алтернатива, стручњаците препорачуваат консумирање месо како печено пилешко, варени јајца, туна или лосос – извори на протеини кои содржат корисни маснотии.
– Наместо класични сендвичи со наресоци, користете намази од авокадо, хумус или други растителни алтернативи – советува д-р Вајнберг.
Ако целосно откажување од преработеното месо не е возможно, кардиолозите препорачуваат внимателен избор на производи – да се бараат варијанти без додадени нитрати, со намалена содржина на сол, и секогаш да се комбинираат со богата количина свеж зеленчук и здрави масти.
Здравјето на срцето, посочуваат експертите, често зависи од секојдневните избори кои ги правиме на трпезата.