
Бугарија е големиот победник на Евровизија 2026, кое вечерва спектакуларно се одржа во Виена. По драматично гласање и неизвесен финиш, бугарскиот претставник успеа да ја освои европската публика и да стигне до триумф на јубилејното издание на најголемото музичко шоу во Европа.
Финалната вечер започна со импресивно отворање во придружба на Виенскиот симфониски оркестар, а домаќини на шоуто беа Викторија Сваровски и Михаел Островски.
Во финалето настапија 25 земји, а годинава на сцената се пееја песни на дури 13 различни јазици, при што многу држави комбинираа мајчин јазик со англиски.
Вечерта ја отвори минатогодишниот победник Џеј-Џеј со песната „Кралицата на ноќта“, по што започна натпреварувачкиот дел.
Настапите ги отвори Данска, а потоа следуваа Германија, Израел, Белгија, Албанија, Грција, Украина, Австралија, Србија, Малта, Чешка, Бугарија, Хрватска, Обединетото Кралство, Франција, Молдавија, Финска, Полска, Латвија, Шведска, Кипар, Италија, Норвешка, Романија, додека финалето го затвори домаќинот Австрија.
Победникот беше избран преку комбинација од гласовите на националните жири-комисии и телефонското гласање на публиката. Годинава беше дозволено од еден телефонски број да се гласа најмногу десет пати.
Во ревијалниот дел, по повод 70 години Евровизија, на сцената настапија легендарни евровизиски имиња како Верка Сердучка, Александар Рибак, Руслана, Манс Зелмерлев, Lordi и Хелена Папаризу, кои потсетија на најголемите евровизиски хитови низ децениите.
Посебен момент беше заедничката изведба на легендарната „Volare“ на Доменико Модуњо, песна која важи за една од најпрепеваните во историјата на Евровизија.
Иако финското дуо Линда Лампениус и Пит Парконен со песната „Liekinheitin“ со месеци важеше за главен фаворит според обложувалниците, вечерта донесе големо изненадување.
Бугарија доминираше во гласањето од националните жири-комисии со освоени 204 поени, а потоа буквално експлодираше во телефонското гласање од публиката.
Во драматичниот финиш, последни во трката останаа Австралија и Бугарија, а бугарскиот претставник доби дури 516 поени од публиката и ја обезбеди победата.
Интерес предизвика и реакцијата во салата кога Израел кратко се најде на првото место според гласовите од публиката, по што се слушнаа извици на негодување.
И годинава продолжи традицијата на „добрососедско гласање“, па Црна Гора и Хрватска ѝ дадоа по 12 поени на Србија, додека Србија својата максимална оценка ја испрати за Грција.
Ова беше и прва Евровизија без Шпанија во рамки на „Големата петорка“, откако земјата се повлече поради учеството на Израел. Покрај Шпанија, учеството го откажаа и Ирска, Холандија, Словенија и Исланд.
















