Престижниот американски медиум CNN во обемна репортажа ја постави Северна Македонија на мапата како една од последните неистражени дестинации во Јужна Европа – земја со исклучителна храна, врвно вино и речиси без туристички метеж.
Во текстот, Македонија е опишана како „пат помалку патуван“ каде драматичниот планински релјеф, слоевитата историја и искреното гостопримство создаваат уникатно културно и природно искуство. Лоцирана северно од Грција, земјата е наречена една од најпланинските во светот – каде „кога и да тргнеш, пред тебе и зад тебе има планина“.
И покрај тоа што по големина ѝ е слична на американската сојузна држава Вермонт, Македонија сè уште ги избегнува гужвите што се типични за популарните јужноевропски дестинации. Според локалните туристички работници, голем број патници само транзитираат низ земјата без да ги откријат нејзините потенцијали.
CNN ги издвојува духовните светилишта како Бигорскиот манастир и манастирот Свети Наум, а Охридското Езеро го нарекува „круниски дијамант“ со богат биодиверзитет и препознатливиот охридски бисер.
Гастрономијата е претставена како централно доживување – од „вонземски“ зеленчук произведен на мали семејни фарми, до традиционални специјалитети како ајвар, ракија, бурек, пастрмалија и тиквешките вина. Кафаната, како институција, е опишана како жив доказ за македонската традиција и културна издржливост.
Скопје се истакнува како град на контрасти со бруталистичка архитектура, османлиски дух во Старата чаршија и модерни градби, додека за авантуристите се препорачуваат Водно и кањонот Матка.
CNN заклучува дека Македонија нуди „повеќеслојно рурално искуство и едни од најубавите природни пејзажи што може да се видат во толку мала земја“, охрабрувајќи го светот да го открие овој балкански бисер пред да го преплават туристи.



























