Сезонските модели на Severe Weather Europe укажуваат дека претстојната зима во Европа ќе биде поблага од вообичаеното, со температури од нормални до надпросечни во првата половина на декември, под влијание на западни и југозападни воздушни струења. Овој распоред ја блокира навремата пенетрација на студен воздух од север.
Според просечната снежна прогноза на ECMWF за периодот декември–јануари–февруари, најголемиот дел од континентот ќе има помалку снег од вообичаеното. Снежните врнежи се повлекуваат кон подалечните северни области, иако во некои централни и западни региони има минимални подобрувања споредено со прогнозите од претходниот месец. Новите податоци покажуваат и нешто повеќе снег во делови од Велика Британија и Ирска.
Декември
За декември се очекуваат негативни аномалии во снежните врнежи низ Европа, освен на далечниот север. Изненадувачки е што и повисоките планински региони ќе добијат помалку снег, што укажува дека главниот проблем е недостигот на врнежи, а не високите температури.
Јануари
Во јануари не се предвидуваат значајни подобрувања. Моделите покажуваат помалку снежни врнежи за најголемиот дел од континентот, освен некои југоисточни региони и северните делови каде се очекува локално зголемување на снежниот покривач.
Февруари
Февруарската прогноза покажува мал, но сепак видлив напредок во однос на јануари. Иако врнежите остануваат под просекот, тоа не значи дека снег нема да има — туку дека неговите количини ќе бидат пониски од вообичаено, со изолирани, краткотрајни снежни епизоди.
UKMO, долгорочниот модел на британската метеоролошка служба, дава слична слика. Според нивните анализи, Европа влегува во зима со подпросечни снежни врнежи, освен на крајниот север. Иако традиционално UKMO е помалку оптимистичен во однос на снегот, најновите податоци покажуваат подобра состојба во споредба со минатомесечните прогнози, што делумно се поврзува со актуелното стратосферско затоплување.
Severe Weather Europe ја базира својата долгорочна анализа на два водечки системи — ECMWF и UKMO, кои се меѓу најпрецизните глобални модели за метеоролошко прогнозирање.



























