Германскиот „Шпигел“ објави протечен транскрипт од телефонски разговор меѓу неколку европски лидери, во кој францускиот претседател Емануел Макрон наводно предупредил дека САД би можеле да ја „предадат“ Украина со новиот мировен план од 28 точки што го предлага Вашингтон.
Во разговорот, според „Шпигел“, учествувале Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, украинскиот претседател Володимир Зеленски и други високи претставници.
Макрон, како што се наведува, изразил страв дека САД би можеле да извршат притисок за територијални отстапки од страна на Украина, без јасни безбедносни гаранции. Тој оценил дека тоа би претставувало „голема опасност“ за претседателот Зеленски.
Според истиот транскрипт, германскиот канцелар Фридрих Мерц бил уште поостар во коментарите, наведувајќи дека американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер „играат игри“ и со Европа и со Украина. Мерц истакнал дека Зеленски треба да биде „исклучително внимателен“ во наредниот период, откако двајцата пратеници од Вашингтон имале долга средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Од Кабинетот на Макрон за „Шпигел“ изјавиле дека претседателот „не ги употребил тие зборови“, додека портпаролот на Мерц за „Политико“ нагласил дека канцеларот по правило не потврдува ниту коментира содржини од вакви разговори.



























