Првиот дел од долгоочекуваната петта сезона на „Stranger Things“ беше објавен на 26 ноември, а веќе во првите пет дена оствари импресивни 59,6 милиони прегледи. Според пишувањето на Variety, ова е најдобриот старт што некогаш го имала серија на англиски јазик на платформата Netflix.
Овој резултат претставува значително надминување на веќе високата гледаност на четвртата сезона. Во 2022 година, кога Netflix сè уште ја мереше гледаноста според вкупно поминати часови, серијата во првите три дена собра 287 милиони часови гледање – бројка која се пресметува околу 22 милиони прегледи. Тоа дополнително го потенцира огромниот интерес што го привлече новата сезона.
<strong>Нови рекорди уште од премиерата</strong>
Иако петтата сезона е објавена пред само неколку дена, веќе донесе втор рекорд. Поради големото исчекување, сите четири претходни сезони минатата недела се најдоа меѓу Топ 10 најгледани на Netflix – првпат една серија да има четири сезони истовремено на листата.
Но, рекордите не застанаа тука. Во периодот од 24 до 30 ноември, „Stranger Things“ стана првата серија со пет сезони во Топ 10:
– петтата сезона го зазеде првото место,
– првата сезона беше трета со 8,9 милиони прегледи,
– четвратата сезона петта со 6,1 милиони,
– втората сезона шеста со 5,6 милиони,
– третата сезона осма со 4,6 милиони прегледи.
<strong>Финалето доаѓа на самиот крај од годината</strong>
Netflix минатата недела ги објави првите четири епизоди од новата сезона, а наредните три ќе бидат достапни за гледање на католички Божиќ, a големото финале е планирано за Нова година.
Со оглед на огромната гледаност и интересот што не се намалува, се очекува „Stranger Things“ уште долго да остане меѓу најпопуларните на Netflix. Проекциите се дека петтата сезона ќе се најде и на листата на најгледани серии на англиски јазик на сите времиња, каде моментално четвртата сезона е на третото место со 140,7 милиони прегледи во првите 91 ден.



























