Бананите не се само вкусна и здрава ужина, туку и потенцијален сојузник за оние што се обидуваат да се ослободат од никотинската зависност. Според најновите истражувања, овој овошен плод содржи клучни хранливи состојки – витамин Ц, калиум, магнезиум и антиоксиданси – кои можат да помогнат во обновувањето на организмот оштетен од долгорочно пушење.
Покрај нивната хранлива вредност, бананите имаат и улога на орален стимулатор – ја намалуваат желбата за цигара, на сличен начин како џвакањето гума. Ова е особено корисно во првите денови од одвикнувањето, кога потребата за „нешто во рака“ или „нешто во уста“ е најсилна.
Студија спроведена во 2017 година покажа дека антиоксидансите содржани во бананите можат да го забават опаѓањето на белодробната функција кај поранешни пушачи, што директно придонесува за подобрување на респираторното здравје и превенција од хронични болести.
Иако бананите не ја елиминираат никотинската зависност ниту го отстрануваат никотинот од телото, нивната поддршка на имуниот систем и нивната улога во опоравувањето на организмот ги прават важен дел од исхраната на оние кои се во процес на откажување.
Покрај бананите, се препорачува и внес на храна богата со протеини и влакна – што придонесува за стабилизација на нивото на шеќер во крвта и намалување на желбата за цигари и храна. Редовната консумација на овошје и зеленчук обезбедува доволно антиоксиданси и микронутриенти неопходни за зајакнување на телото и олеснување на процесот на одвикнување од пушење.