Базиликата во селото Радолишта, кај Струга, која датира од римско време, полека исчезнува под налетите на времето и заборавот. Иако во 1955 година била во многу подобра состојба, денес ова археолошко богатство е препуштено на грижата на неколкумина мештани, без никаква институционална поддршка или заштита.
Најпосветен чувар на ова културно наследство е 91-годишниот професор Каим Муртиши, родум од Радолишта. Тој со тага раскажува дека некогашната базилика зафаќала многу поголема површина, но со текот на времето значителен дел од неа бил покриен, уништен или едноставно – заборавен.
„Имало голем простор тука, велат дека се протегала до каменот на плачот, блиску до селото Франгово. Сето тоа исчезна. Само ова остана, остатокот со текот на времето се покри, се изгуби“, вели професорот, кој своите истражувања ги документирал уште во 1978 година во своја книга базирана на усни преданија и раскажувања на постарите генерации.
Според него, оваа локација некогаш претставувала римски град – со значајни градби и историја врежана во секој камен. „Радолишта отсекогаш страдало – и од куршум и од чума. Селото било неколкупати запалено. А за базиликата никој не прашува, никој не доаѓа“, вели Муртиши.
Снимките од теренот ја потврдуваат состојбата: ѕидовите се распаѓаат, нема ниту едно информативно пано, нема одржување, ниту обележување. Локацијата е речиси невидлива за туристите, иако се наоѓа во регион преполн со посетители, особено во летните месеци.
Историчари и локалните жители се надеваат дека институциите конечно ќе ја препознаат вредноста на оваа римска базилика, за да не исчезне уште едно сведоштво од минатото – пред да биде предоцна.
Извор: ТВ21