По две децении вредна посветеност и љубов кон народната традиција, Културното уметничко друштво „Извор“ – Јегуновце вечерва во 19:30 часот во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово ќе го одржи својот јубилеен концерт по повод дваесет години постоење. На сцената ќе настапат различни секции на „Извор“, заедно со фолклорниот ансамбл КУД „Брвеница“ од Брвеница како специјални гости. Покрај играорниот дел, гостите ќе уживаат и во изведба на народни македонски песни, како и селски „гласоечки“ изведби.
„Извор“ – Јегуновце е формирано во 2005 година, од љубители на фолклорот во општина Јегуновце и поранешни членови на КУД „Југохром“.Уметнички раководител уште од основањето е Јовица Блажевски – истакнат кореограф и раководител на играорниот кор на „Танец“, додека претседател последните години е Ненад Блажески.
Во текот на две децении „Извор“ ја негува и промовира локалната и богатата македонска фолклорна традиција. Во својот репертоар друштвото досега има реализирано преку илјада члена, а ги изведува кореографски постановки од речиси сите региони на земјата. Биле учесници на многу домашни фестивали и концерти, како и многу меѓународни, меѓу кои се издвојува меѓународниот и светски афирмираниот фестивал „Гората“ во Закопане, Полска, каде „Извор“ ја освои „Сребрената секира – награда за трето место“.
Со овој концерт, „Извор“ ја слави својата 20-годишна посветеност кон фолклорот и ја зацврстува својата улога како чувар и промотор на македонското народно наследство. Вечерва, Тетово ќе биде домаќин на вистински празник на традицијата и заедништвото.