На годинешното издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, вечерва свечено ќе биде врачена наградата за животно дело на еден од највпечатливите актери на македонската сцена – Гоце Тодоровски.
Роден на 30 април 1951 година во Кичево, Тодоровски основно, средно и високо образование завршува во Скопје, каде што во 1976 година дипломира на отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Неговиот актерски пат започнува уште како студент, преку хонорарни ангажмани во Драмскиот театар – Скопје, каде што официјално се вработува во 1978 година.
Во текот на својата богата кариера, на матичната сцена остварува 43 улоги, доминантно во комичниот жанр, по кои останува длабоко запаметен и исклучително сакан од публиката. Неговото име е нераскинливо поврзано со трите најгледани претстави во историјата на македонскиот театар: „Солунски патрдии“, „Болва в уво“ и „Викенд на мртовци“, сите со повеќе од две децении сценски живот.
Покрај театарот, Тодоровски е препознатлив и како телевизиско и филмско лице – омилен лик на ТВ-екраните и редовен учесник во македонската кинематографија. Неговата актерска игра се карактеризира со природно чувство за комедија, ненаметлива спонтаност, карактеристични живи гестови и мимика, сценска виртуозност и препознатлив мангупски шарм. Секогаш успева да ја пренесе енергијата на сцената до секој гледач, пленејќи го вниманието со уникатна топлина и харизма.
Доделувањето на ова признание е заслужено заокружување на едно големо актерско дело, со кое Гоце Тодоровски влезе во срцето на публиката и во историјата на македонскиот театар.