Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе учествува со 100.000 евра во кампањата за Оскар на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, оценувајќи ја како проект од исклучителен национален интерес. Кампањата ја поддржува и „Нешенл џеографик“ (National Geographic), а целиот буџет изнесува околу 700.000 евра.
– Участокот од 100.000 евра е фантастична сума во споредба со регионалните фондови кои не нудат проекти со реални шанси за Оскар – изјави в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, на прес-конференција.
Тој се осврна и на успехот на македонската кинематографија оваа година, истакнувајќи дека филмот „Сите го викаат Реџо“ веќе бил прикажан на над 40 фестивали, „Диџеј Ахмет“ на над 70 фестивали со 29 награди, а „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на фестивалот во Венеција.
– И покрај неповолните услови во Агенцијата за филм од 2021 до 2024 година, македонските филмаџии успеаја да создадат дела со кои сме сите горди – додаде Мицевски.
Тој најави дека во 2026 година се очекуваат четири до пет премиери на нови филмови, меѓу кои „Биста/Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски, „Човек против јато“ на Тамара Котевска, „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ и „Договор“ на Сенад Абдули. Пред почетокот на снимањето, веќе беа исплатени и проектите „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спасуваат светот“ на Марјан Гавриловски, а наскоро средства ќе добие и Арбен Тачи за проектот „Ајал“.
Предлог-буџетот на Агенцијата за филм за 2026 година е 263 милиони денари (околу 4,3 милиони евра), кои ќе се распределат за филмски проекти, фестивали и играни серии.























