Кочо Солев Рацин во македонската национална меморија останува запаметен како еден од најзначајните современи македонски поети и како основоположник на современата македонска книжевност. Тој е автор на стихозбирката „Бели мугри“, едно од најважните дела во македонската поезија.
Но, Рацин бил многу повеќе од поет. Во време кога македонскиот народ немал сопствена држава, а македонските јазик, историја и култура биле репресирани и омаловажувани, тој манифестирал кристално јасна македонска национална свест. Преку своите дела, Рацин ја заштитувал и афирмирал македонската културна и јазична посебност, оставајќи траен белег како поет, борец и чувар на македонскиот идентитет, се наведува во Проектот „Гласот на револуционерите повторно се слуша“ на „Нова Македонија“.























