УТРО.мк

Осмиот Џез-фест во Тетово, три вечери со врвни уметници

Осмиот Џез-фест во Тетово, три вечери со врвни уметници
Vero

Во Тетово денеска започнува осмото издание на Џез-фест, кое ќе трае до 13 септември и ќе понуди три вечери исполнети со концерти на реномирани уметници од земјава и странство. Настаните ќе се одржуваат во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ и во Јуроп хаус (Europe House), со почеток во 20 часот.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва во Јуроп хаус со настап на составот „Антисвинг“ (Antiswing), во кој членуваат тетовските музичари Вулнет Незири (обоа), Шкељзен Бафтиари (пијано), Фатон Стафаи (гитара), Александра Чуруковска (контрабас) и Кораб Хајдари (перкусии).

На 12 септември, во големата концертна сала на Центарот за култура, ќе настапат вокалистката Елина Дуни и гитаристот Роб Луфт, додека завршната вечер на 13 септември ќе ја одбележат Артан Бакија и Маркелиан Капидани (пијано), придружени од гудачки квартет.

„И оваа година фестивалот носи богата програма со реномирани уметници од домашната и меѓународната сцена, нудејќи три вечери исполнети со квалитетна музика и уникатна атмосфера. Џез фестивалот во Тетово се етаблира како важна културна платформа за промоција на џез музиката и за поттикнување културна соработка меѓу уметници од различни земји“, соопштија организаторите.

Ова издание на фестивалот е финансиски поддржано од Министерството за туризам и култура.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран