Турција официјално реагираше по апсењето на десетици нејзини државјани во Подгорица и нередите што избувнаа во текот на изминатиот викенд.
„Минатиот викенд, во Црна Гора се случија тажни настани кои ги погодија и нашите граѓани. Веднаш по почетокот на инцидентите, беа воспоставени контакти со црногорските власти. Преземени се неопходни мерки за да се обезбеди безбедноста на нашите граѓани“, соопшти турското Министерство за надворешни работи, пренесе Телеграф.
Според информациите, Анкара е во постојан контакт со властите во Подгорица и ја следи ситуацијата со посебно внимание.
Црногорската полиција претходно објави дека привела 45 државјани на Турција и Азербејџан, за проверка на легалноста на нивниот престој во земјата, додека двајца се уапсени под сомнение дека физички нападнале и избоделе жител на Подгорица во населбата Забјело.
Инцидентот предизвика серија тензии, а во текот на ноќта беа пријавени и напади врз имот на турски државјани во Подгорица. Сендвичарница во сопственост на турски државјанин била демолирана, а прозорците на локалот скршени.
Властите во Црна Гора најавија дека спроведуваат детална истрага за сите случаи поврзани со инцидентот.































