Кумановската полиција приведе двајца фудбалери на клубот „Беса“ од липковското село Слупчане, поради физички напад врз играчи од гостинскиот клуб „Аеродром“ од Скопје, потврдија од СВР Куманово.
Инцидентот се случил вчера околу 18:30 часот за време на натпреварот во Слупчане, кога играчите О.Д. (32) и Е.А. (18), двајцата од Куманово, физички ги нападнале противничките фудбалери.
Полицијата веднаш интервенирала и ги лишила од слобода напаѓачите. Од СВР Куманово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите инволвирани лица.
По завршување на истрагата, против приведените ќе бидат поднесени соодветни пријави.































