Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес истакна дека украинскиот Генералштаб се фокусира на зголемување на капацитетите за напади со долг дострел врз Русија. Тој нагласи дека руската нафтена индустрија веќе ја чувствува цената на војната и дека ќе биде дополнително погодена.
„На состанокот присуствуваа производители на оружје и сите одговорни за употребата на системи со долг дострел, при што ја анализиравме ефикасноста на претходните напади. Руските рафинерии веќе ја чувствуваат вистинската цена на војната и ќе платат уште поголема цена. Поставивме цел да го прошириме користењето на нашите капацитети со долг дострел“, објави Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Претседателот исто така нагласи дека Украина тесно соработува со домашните производители на оружје преку долгорочни договори, со цел да ја зајакне националната одбрана.































