На мини-митингот во Пробиштип, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, истакна дека градот по осум години стагнација заслужува нов правец на развој. Тој нагласи дека во првиот круг од локалните избори граѓаните покажале верба и желба за промени, а неговата партија обезбедила стабилно мнозинство во советот.
„Жителите на Пробиштип го препознаа вистинскиот избор – програма која значи работа, развој и сигурна иднина. Доста беше апатија и уназадување, време е за нов, долгорочен развоен пат“, рече Тоневски.
Тоневски посочи дека програмата е изготвена заедно со граѓаните и вклучува проекти за младите, туризмот, спортот и индустријата. Планот предвидува нова урбанизација, изградба на населби и индустриска зона за незагадувачка индустрија, создавање нови работни места и повисоки плати.
„Младите ќе имаат бесплатен простор за започнување сопствен бизнис и проекти за изградба на куќи. Инвестициите во Лесново и Пониква ќе бидат големи – детско одморалиште, ново одбојкарско игралиште и градски базен“, додаде Тоневски, нагласувајќи дека Пробиштип заслужува развој и сигурна иднина.































