Силен земјотрес со јачина од 6,0 степени според Рихтеровата скала ја погоди западна Турција вечерва околу 22:48 часот по локално време, предизвикувајќи паника меѓу жителите.
Епицентарот бил регистриран 62 километри југоисточно од градот Баликесир и 10 километри јужно од Синдирги, соопштија турските сеизмолошки служби. Земјотресот бил почувствуван во повеќе градови, меѓу кои и во Истанбул.
Според првичните информации, на социјалните мрежи се појавија снимки и фотографии на урнати објекти и напукнати фасади, но засега нема потврдени податоци за повредени лица или поголема материјална штета.
Очевидци за порталот EMSC изјавиле дека тресењето траело подолго од вообичаено и било многу силно. „Сѐ се нишаше неколку секунди, луѓето излетаа од домовите“, сведочат жители од регионот.
Локалните власти апелираа граѓаните да останат смирени и внимателни, бидејќи постои можност за нови послаби потреси во текот на ноќта.
Сеизмолозите потсетуваат дека западниот дел на Турција се наоѓа на активна тектонска линија и често е погоден од вакви земјотреси.































