Шведска, соочена со зголемен број на сериозни криминални дела поврзани со банди, најави дека од следното лето ќе ги испраќа малолетниците во притворски центри веќе од 13 години, иако тие по закон не се кривично одговорни за своите постапки.
Владата во Стокхолм претходно наложи отворање оддели за притвор на лица од 15 до 17 години кои извршиле тешки кривични дела, а сега оваа мерка се проширува и на 13- и 14-годишници, објави шведското Министерство за правда.
Шведска се соочува со долгогодишен проблем со криминални банди кои често рекрутруа малолетници за извршување на тешки дела, вклучувајќи и убиства. Со новиот законодавен предлог на либерално-конзервативната влада на премиерот Улф Кристерсон, се планира намалување на возрасната граница за кривична одговорност во случај на исклучително сериозни злосторства.
Министерот за правда, Гунар Стромер, нагласува дека намалувањето на границата е важно не само за заштита на општеството, туку и за помош на децата да се оддалечат од патот на криминалот.
„Кога 13- и 14-годишници се движат со автоматско оружје, општеството мора да одговори со целосна сила“, истакна Хенрик Винге, претседател на Комитетот за правда и член на десничарската националистичка партија Шведски демократи.
Минатата година, шведската полиција забележала зголемување на рекрутментот на тинејџери помали од 18 години за извршување убиства, бидејќи тие се соочуваат со помал надзор и често се заштитени од кривична одговорност во споредба со возрасните.
Според официјалните податоци, во 2024 година дури 120 деца помали од 15 години биле осомничени за учество во убиства, што претставува четирикратно зголемување во само две години.































