УТРО.мк

24 години без Васка Илиева – легендата на македонската народна песна

24 години без Васка Илиева – легендата на македонската народна песна
Vero

На денешен ден се навршуваат 24 години од смртта на Васка Илиева, една од најголемите и најпрепознатливи имиња во историјата на македонската народна музика. Таа останува врежана во колективната меморија како „Кралица на македонската народна песна“ и „Амбасадор на македонската народна музика“ ширум светот.

Васка Илиева е родена на 21 декември 1923 година во скопската населба Чаир, во музичко семејство. Нејзиниот татко Тодор Бошков Велков бил познат гајдаџија, а токму од него го наследила талентот и љубовта кон музиката. Кариерата ја започнала во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ пред 1950 година, каде со својата уникатна интерпретација и топол, моќен глас, брзо се издвојува од останатите.

Илиева настапувала на бројни сцени во тогашна Југославија и во странство, секаде каде што живеат Македонци. Нејзиниот репертоар брои десетици безвременски хитови меѓу кои се „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ и многу други песни кои и денес се дел од македонската музичка ризница.

Почина на 4 мај 2001 година во Скопје, на 77-годишна возраст, оставајќи зад себе неизбришлива трага и богат музички аманет. Во нејзина чест, по повод десетгодишнината од нејзината смрт, беше организиран свечен концерт во Македонската опера и балет, на кој настапија бројни македонски уметници.

Васка Илиева не беше само пејачка, туку симбол на македонската традиција, култура и идентитет – глас кој не старее и не се заборава.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран