
Суровата нафта на меѓународниот пазар бележи забрзан раст, достигнувајќи високи нивоа поради ескалацијата на конфликтот во Иран. Цената на барел Брент денес се искачи на речиси 105 долари, што значи пораст од над 40 проценти од почетокот на војната. Американската референтна нафта, пак, забележа скок од околу 50 проценти и се тргува по 99,68 долари за барел.
Сериозниот раст на цените веднаш се рефлектираше на финансиските пазари. Вол Стрит затвори со длабоки загуби, бидејќи цената на нафтата повторно го надмина симболичниот праг од 100 долари за барел, создавајќи дополнителен инфлаторен притисок врз глобалната економија.
Затворањето на Ормускиот теснец го засили притисокот на пазарот: дневниот транспорт на милиони барели нафта беше блокиран, а според „Rystad Energy“, во текот на една недела беа изземени над 12 милиони барели нафтен еквивалент дневно.
Последиците не се ограничуваат само на енергетскиот сектор. Новиот извештај на Универзитетот во Мичиген открива дека расположението на потрошувачите е на најниско ниво годинава, предизвикано од наглиот раст на цените на горивата.























