
Сè поголем број индустриски погони во Германија ја менуваат насоката на своето производство кон воениот сектор, отворајќи жива дебата за можното милитаризирање на економијата. Овој феномен се случува во услови на зголемени безбедносни тензија во Европа и растечка побарувачка за воена опрема.
Еден конкретен пример доаѓа од берлинската населба Вединг, каде што фабрика со околу 350 вработени започнува трансформација во производител на компоненти за гранати со голем калибар. Фабриката е дел од Pierburg, подружница на индустрискиот гигант Rheinmetall. Компанијата нагласува дека во објектот нема да се произведува експлозив, туку само делови за муниција, што, според нив, треба да го зачува економското функционирање на погоните и работните места.
Оваа одлука предизвика реакции меѓу локалните граѓански организации. Активисти кои се противат на проширувањето на воената индустрија во Германија се обидоа да ги информираат работниците за своите ставови, предупредувајќи дека зависноста од производство на оружје не е одржливо решение за долгорочните економски и социјални предизвици.
Локалното население, особено во Вединг со неговата традиција на работнички и левичарски синдикални активности, изразува загриженост за присуството на воена фабрика во нивната заедница. За многумина, тоа е судир меѓу економската сигурност и моралните и социјалните аспекти на животот во заедницата.
Од компанијата Rheinmetall, пак, тврдат дека промената е логичен одговор на економските трендови. Падот на побарувачката во автомобилската индустрија ја принудува компанијата да бара нови пазари, а растот на воениот сектор нуди можност за зачувување на работни места во Берлин. Акциите на компанијата бележат значителен раст откако во 2022 година Русија ја нападна Украина, што ја поттикна европската инвестиција во одбранбената индустрија.























