
Градежните работи за нова административна зграда на Општина Тетово започнаа овој месец, а за изградбата од општинскиот буџет ќе се издвојат речиси 1,4 милиони евра.
Објектот се гради по спроведен тендер за избор на изведувач на градежните работи, откако не се реализираше првичниот план проектот да се изгради без директно трошење буџетски средства.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, претходно најави дека објектот би се реализирал преку јавно-приватно партнерство, при што општината би отстапила земјиште на друга локација, а за возврат би добила изградена зграда за администрацијата. Сепак, според него, ваквата компензација не била возможна поради законски ограничувања.
„Првичната идеја беше да се реализира со јавно-приватно партнерство, општината да даде земја на друга локација и да се изгради објектот за општината. Но испадна дека тоа не е возможно. Според законот не може да се направи таква компензација – земјиште за објект, па затоа одлучивме да одиме со тендер и со средства од буџетот“, изјави Касами.
И покрај инвестицијата во нов објект, општината и понатаму се соочува со финансиски предизвици. Касами посочува дека во 2025 година е зголемена наплатата на данокот на имот, но значителен дел од буџетските средства сè уште се користат за подмирување на долгови преку извршители.
„Се надеваме дека во текот на 2026 година ќе излеземе од извршувања и ќе можеме автономно да оперираме со буџетот, затоа што и во 2025 година сериозен дел од буџетот беше реализиран преку извршители“, рече тој.
Новата административна зграда е планирана да има приземје, два ката и поткровје, со вкупна површина од околу 1.400 квадратни метри. Во Општина Тетово работат околу 400 административни службеници, а дополнително ангажирани се и неколку стотици хонорарни соработници.























