УТРО.мк

Шокантни резултати од контролите на АХВ: Во сирење со 20% млечна маст пронајдени само 1%, компанијата казнета со 3500 евра

Шокантни резултати од контролите на АХВ: Во сирење со 20% млечна маст пронајдени само 1%, компанијата казнета со 3500 евра
Vero

Вонредните инспекциски контроли што ги спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) открија сериозни неправилности кај дел од млечните производи што се продаваат на македонскиот пазар. Лабораториските анализи покажале дека кај одредени производи реалниот состав значително отстапува од податоците наведени на декларациите, а во еден случај е утврдена и драстична измама на потрошувачите.


Во рамки на засилените контроли биле земени вкупно 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи, како од домашно производство така и од увоз. Досега се завршени анализите на 45 мостри од млеко и млечни производи, додека испитувањата на сувомесните производи сè уште се во тек.


Според официјалните информации од АХВ, кај десет оператори биле утврдени неправилности поврзани со квалитетот и означувањето на производите. Најсериозен е случајот кај еден производител на ситно сирење, каде што производот бил деклариран дека содржи 20 проценти млечна маст, а лабораториските анализи покажале дека реално содржел само 1 процент.


Поради утврдената измама на потрошувачите, на производителот му била изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Контролите откриле и дополнителни неправилности кај уште осум производители и увозници на млечни производи. Кај нив биле констатирани разлики меѓу декларираниот и вистинскиот процент на млечна маст, поради што секој од нив бил казнет со по 1.050 евра.


Дополнително, инспекторите откриле и случај во кој во производ означен како млечен биле користени растителни, односно палмини масти. За овој прекршок на операторот му била изречена казна од 1.300 евра, а спорниот производ во количина од околу 500 килограми бил повлечен од продажба и уништен.


Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека целта на контролите е заштита на потрошувачите и спречување на злоупотреби при декларирањето на храната. Оттаму најавуваат дека инспекциските надзори кај производителите и увозниците на млечни производи ќе продолжат и во наредниот период, а прекршителите ќе се соочуваат со соодветни санкции.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран