
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата утре ќе одржи онлајн седница на која ќе се разгледуваат мерките поврзани со формирањето на цените на горивата, при што очекува дизелот да поевтини за околу 6 до 6,5 денари по литар, додека цената на бензините да остане иста или да се зголеми за околу 0,5 денари по литар.
Тој посочи дека очекува постепена стабилизација на цените на домашниот пазар, врз основа на движењата на светските берзи во изминатите недели.
„Според нашите пресметки, врз основа на анализите како се движеа цените на светските берзи изминатите две недели, односно втората половина од мај, и како се движеа цените изминатава недела, очекуваме полека, но сигурно да се стабилизираат и кај нас. Односно, досега повластената стапка за бензините од 10 да се врати на 18 проценти, а во делот на акцизите ќе остане намалувањето од два денара по литар за дизел и за безоловните бензини 95 и 98 октани“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека просечните цени на нафтените деривати во втората половина од мај се движеле меѓу 1.000 и 1.200 долари за барел, што, како што рече, влијае на конечните пресметки.
Мицкоски информираше и дека се водат разговори со „Окта“ за можен дополнителен попуст за почетокот на јуни, а конечната одлука за цените ќе ја донесе Регулаторното тело по сите извршени пресметки.
„Кога ќе ги имаме предвид сите овие мерки, тогаш очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало зголемување од половина денар, а дизелот да поевтини околу 6 и пол денара“, нагласи тој.















