УТРО.мк

Само еден рудник би можел да донесе над 500 милиони евра во државниот буџет

Само еден рудник би можел да донесе над 500 милиони евра во државниот буџет
Vero

Рударските проекти повторно се актуелизираат како можност за забрзување на економскиот раст во Северна Македонија, додека соседните држави веќе интензивно ги развиваат своите капацитети за експлоатација на минерални суровини. Во Грција се финализира подготовката за старт на златен рудник на Халкидики, а Бугарија работи на нови инвестиции во бакарната индустрија, додека кај нас дел од поголемите проекти сè уште чекаат конечна реализација.

Еден од најзначајните примери е рудникот Иловица–Штука, проект со концесија на канадската компанија „Еуромакс Ресоурцес“, кој со години е предмет на административни и правни постапки. Станува збор за еден од поголемите наоѓалишта на бакар во регионот, со проценети резерви од околу 410 илјади тони.

Во услови на високи цени на светскиот пазар, кои во одредени периоди достигнуваат околу 14.000 долари за тон бакар, економските пресметки за ваков проект стануваат значајни за државните финансии. Според досегашните анализи за изводливост, се предвидува просечно годишно производство од околу 16.000 тони бакар и работен век подолг од две децении.

Врз основа на овие податоци, годишниот приход од производството би можел да достигне над 200 милиони долари. Во државниот буџет, преку концесиски надоместоци и давачки, би се слевале повеќе од 20 милиони евра годишно, додека општините во регионот би остварувале дополнителни приходи од неколку милиони евра.

Во долгорочен период, вкупниот ефект од проектот се проценува на над 500 милиони евра за државата, како и значителни средства за локалните самоуправи, кои би можеле да се користат за инфраструктура, образование и здравствени проекти.

Дополнително, се очекува отворање на околу 500 директни работни места и илјадници индиректни ангажмани во поврзани сектори како транспорт, градежништво, машинство и услуги. Ова, според дел од економските анализи, би можело да има значајно влијание врз намалување на невработеноста во источниот дел на државата, каде со години се бележи иселување и економска стагнација.

Одредени експертски и институционални анализи укажуваат дека земјата располага со значителен руден потенцијал, кој, доколку се користи одржливо и во рамки на постојната регулатива, може да придонесе кон економски развој и регионална рамнотежа.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран