УТРО.мк

Седум балкански држави и ЕК на состанок во Солун: Коридорот 10 клучен за геостратешката позиција на Македонија

Седум балкански држави и ЕК на состанок во Солун: Коридорот 10 клучен за геостратешката позиција на Македонија
Vero

Претставници од седум балкански држави и Европската комисија ќе се сретнат во Солун на високо ниво за разговори за инвестициите во Коридорот 10, една од најважните транспортни рути во регионот.

Како што информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во „Тема на денот“ на Сител, состанокот ќе се одржи на 18 јуни и ќе ги опфати инфраструктурните приоритети и поврзувањето на регионот.

На средбата ќе учествуваат Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, заедно со европскиот комесар за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас.

Николоски истакна дека изградбата на брзата железничка линија од Куманово до Гевгелија е од клучно значење за Македонија да ја задржи својата геостратешка позиција и да остане централна транзитна рута на Балканот.

„Колку подобра поврзаност на Балканот, толку подобро. Рутата низ Македонија е најкратка и економски најисплатлива. Затоа е важно сериозно да се работи на брзата пруга, за државата да го задржи своето место на картата на регионалниот транспорт“, изјави Николоски.

Тој додаде дека во спротивно постои ризик Македонија да остане заобиколена во новите транспортни проекти во регионот, но нагласи дека земјата има временска предност во реализацијата на сопствените инфраструктурни планови.

Според него, најголемиот дел од карго-транспортот во регионот веќе се одвива по Коридорот 10, а последните податоци покажуваат раст и во обемот и во приходите од железничкиот сообраќај.

Николоски информираше и за зголемената активност во железничкиот товарен транспорт, како и за новите проекти што треба да го подобрат протокот на стоки и да ја намалат загаденоста во урбаните средини, меѓу кои и воведувањето карго-обиколница околу Скопје.

Тој оцени дека засилената инфраструктурна соработка со европските и регионалните партнери, како и растечкиот интерес на странски компании за инвестиции, дополнително ја зацврстуваат позицијата на Македонија како важна транспортна и економска точка на Балканот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin