Американските санкции против руската нафтена компанија „Лукоил“ отворија прашања за иднината на нејзините подружници во регионот, вклучително и во Македонија. Иако „Лукоил Македонија“ не се наоѓа на списокот на подружници кои се директно погодени од санкциите на американското Министерство за финансии, не е исклучена можноста таа да биде опфатена со процесот на продажба.
Од „Лукоил“ соопштија дека започнале постапка за продажба на својот имот во странство, во согласност со лиценцата издадена од Канцеларијата за контрола на странскиот имот (ОФАЦ). Продажбата, како што наведуваат, се спроведува поради воведувањето рестриктивни мерки од повеќе земји.
„Започна разгледувањето на понудите на потенцијалните купувачи, а доколку е потребно, ќе аплицираме за продолжување на лиценцата за да обезбедиме континуитет во работењето“, наведоа од седиштето на компанијата.
„Лукоил“ моментално е присутен во Македонија со околу 40 бензински станици и нафтен склад во Штип. Според податоците на Македонска-руска стопанска комора, доколку компанијата престане со работа, околу 550 лица би останале без работа, а државниот буџет би бил пократок за значителна сума средства од даноци и давачки – досега над 850 милиони евра.
„Доколку ‘Лукоил Македонија’ престане со работа, тоа ќе биде удар врз пазарот и потрошувачите, бидејќи ќе се изгуби снабдувач на висококвалитетни горива и сериозен инвеститор во енергетскиот сектор“, велат од Комората.
Во соседна Бугарија, владата има рок до 21 ноември да одлучи за иднината на рафинеријата „Лукоил Нефтехим“ во Бургас, додека во Македонија засега нема најави за конкретни промени.
Санкциите против „Лукоил“ и „Роснефт“ ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела, а дозволени се ограничени трансакции со компаниите до 21 ноември, доколку се поврзани со ограничување на нивното работење под санкциски режим.































