Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека наредил на војската да изврши „силни удари“ во Газа, откако Хамас најави дека ќе го одложи предавањето на телото на еден заложник — потег што дополнително го загрозува кревкото примирје посредувано од САД.
Наредбата следуваше по инцидент на југот на Газа, каде според израелски официјални извори, борци на Хамас отвориле оган кон израелските сили. Ден претходно, групата предала делови од тело за кое Израел тврди дека припаѓа на заложник убиен за време на војната.
Нетанјаху го оцени тој потег како „јасно кршење на договорот за примирје“, кој предвидува Хамас да ги врати сите преостанати заложници.
Во меѓувреме, израелските трупи повторно биле под оган во јужниот град Рафа и возвратиле со напад, соопшти израелски воен извор, пренесе агенцијата АП.































