Повеќе од 2.000 лица, главно жени и деца, биле погубени во последните 48 часа во суданскиот град Ел Фашер, откако паравоените Сили за брза поддршка (RSF) го презедоа градот по 18 месеци опсада.
Со падот на Ел Фашер, RSF сега ја контролираат речиси целата западна покраина Дарфур. Според сојузничките воени групи, Обединетите сили, припадниците на RSF извршиле „гнасни злосторства против невини цивили“, при што на 26 и 27 октомври биле убиени повеќе од 2.000 невооружени жители, меѓу кои жени, деца и постари лица.
Меѓународни организации и локални здруженија предупредија дека заземањето на Ел Фашер може да предизвика масовни злосторства. Хуманитарната истражувачка лабораторија на Универзитетот Јејл соопшти дека стравувањата за етничко насилство и масовни убиства – за жал, се покажале како оправдани.































