Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска најави дека и следната година пензионерите можат да очекуваат покачување на пензиите, во согласност со природниот раст на просечната плата.
На денешната прес-конференција во Владата, на која беше презентиран Предлог-буџетот за 2026 година, министерката појасни дека според сегашните пресметки, во март пензиите би требало да се зголемат за илјада денари, додека за септември Владата дополнително ќе одлучи дали покачувањето ќе биде линеарно.
– Илјада денари добија сега пензионерите, согласно пресметките исто толку ќе биде и во март следната година и во септември, со оглед на природниот раст на просечната плата. Поради недостигот на работна сила и економските трендови очекуваме дека растот на пензиите ќе продолжи, но во рамките на законот, рече Димитриеска-Кочоска.































