Министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска денеска изјави дека во овој момент државата не е задолжена ниту за едно евро и дека сите пресметки за јавниот долг се базирани на шпекулации и неточни информации. Таа појасни дека долгот се регистрира дури кога се повлекуваат средства од кредит, а не во фазата на обезбедување на финансирање.
„Фискалниот совет направил пресметки врз основа на информации добиени од медиуми. Ние се држиме до официјалните податоци од Владата и она што го комуницира премиерот. Проектот со ‘Бехтел и Енка’ е оној што во моментов создава дополнителен јавен долг, но и тој не беше вклучен во пресметките пред неколку години“, изјави министерката.
Таа упати критика до опозицијата, обвинувајќи ја дека со дезинформации за јавниот долг ѝ прави штета на државата. „Во моментот кога ќе се повлече кредит, тогаш ќе се регистрира долгот. Но, истовремено имаме и редовни отплати, што значи и намалување на долгот“, рече Димитриоска Кочоска.
Во однос на договорот за соработка со Обединетото Кралство, министерката нагласи дека не станува збор за кредит туку за механизам за обезбедување гаранција од британската Експорт банка, што ќе овозможи пониски каматни стапки. „Ние не сме го земале кредитот, само се обезбедува можност за финансирање. Колку ќе биде долгот, ќе зависи од тоа колку ќе се повлекува секоја година“, појасни таа.
Министерката потсети дека јавниот долг во 2017 година бил 47,7% од БДП, а во 2024 веќе над 60%, предупредувајќи дека земјата нема простор за фискална комоција и дека е клучно да се води одговорна и прецизна економска политика.